Кој е Ришард Капушќињски?

За Ришард Капушќински, кој почина на 74-годишна возраст, новинарството беше мисија, а не кариера и, за среќа, тој мина голем дел од својот живот во непријатни и злогласни места, многу од нив во Африка, обидувајќи се да ја пренесе нивната суштина до еден далечен континент. Никој не беше поизненаден од него кога, во средината на неговите 40-ти години, одеднаш стана екстремно успешен, а неговите книги беа преведени на 30 јазици. Освои награди во Германија, Франција, Канада, Италија, САД и беше прогласен за новинар на векот во Полска.

Капушќински е роден во Пинск, кој сега се наоѓа во Белорусија, а во 1945 мајка му, во потрага по неговиот татко војник, го води во Полска. Војната како животна норма е длабоко вкоренета во неговата млада психа по тие рани години на бескраен глад, студ, ненадејна смрт, татнеж и ужас, без чевли, без дом, без книги на училиште. Децении подоцна ќе напише: „Ние кои минавме низ војната знаеме колку е тешко да се пренесе вистината за неа до оние за кои тоа искуство е, за среќа, непознато. Ние знаеме како јазикот нè изневерува, колку често се чувствуваме беспомошно, како искуството е, конечно, непреносливо.“

По универзитетските студии во Варшава, наоѓа работа како 23-годишен новинар-почетник во младинско списание. Приказната која ги разоткрива погрешното управување и нетрезвеноста во фабрика за челик ќе предизвика огнена бура која го испраќа во прогонство. Ќе биде искупен и испратен во странство како закана – во Индија, Пакистан и Авганистан, како прв полски новинар кој ќе има таква можност. Подоцна се сели во Полската новинарска агенција (PAP) и останува таму до 1981.

Во 1957 заминува во Африка и се враќа таму што е можно почесто во текот на следните 40 години. Го покрива целиот континент, вклучувајќи 27 револуции и државни удари и е воодушевен од чувството дека го сведочи создавањето на историјата. Тој и неговите работодавци немаат пари, но тој е добар во преговарање и често ги има соодветните контакти за да им помогне на другите новинари кои имаат доволно пари за да најмат авиони, па така заедно стигнуваат на местото на најновата драма. „Африка е мојата младост“, ќе рече подоцна, опишувајќи колку многу континентот значел за него.

Во неговите рани години како новинар, тој ја развива техниката на два бележника: едниот му овозможува да заработува за леб преку агенциско известување за фактите, додека другиот е исполнет со искуствата за кои прескромно верувал дека се непреносливи, но кои прераснуваат во неговите познати книги, како што е „Цесарот“ (1978) – за падот на исклучителната фигура на Хајле Селасие во Етиопија. Тоа ќе биде првата негова книга преведена на англиски јазик и Џонатан Милер ќе ја адаптира за Кралскиот дворски театар во 1985 година.

Пред „Цесарот“, Капушќински ја пишува веројатно неговата најдобра книга, „Уште еден ден живот“ (1976), уникатен и одблизу засведочен приказ на падот на португалскиот колонијализам во Ангола, дело што го опишува како „исклучително лична книга, за бидувањето сам и изгубен“. Тој е единствениот странски новинар и единствената личност од Источна Европа во Луанда во хаотичното и страшно лето 1975 година. Додека португалските доселеници си ги напластуваат животите во сандаци на пристаништето, војници од апартхејдната Јужна Африка, од Заир и од Куба се движат кон престолнината наспроти или зад завојуваните анголски војски, додека тајни агенти од ЦИА и португалската PIDE шират гласини за неизбежниот триумф на едната или другата страна.

Меѓу неверојатните приказни, жештината, хистеријата, единствената нишка на сигурност во денот на Капушќински ќе биде телекс врската со Варшава, кога ќе ја испрати сторијата што ја склопил од гласините и лудите улични сцени, ќе праша за времето дома и ќе се пожали за храната. Никогаш не ќе успее да ја извади Ангола од умот и, кога се сретнавме во Лондон во 1986, повеќе сакаше да зборува за некоја друга книга од тој период, „Јужно од никаде“ од португалскиот војник Антонио Лобо Антунес, која ја сметаше за прекрасна.

Меѓу неговите други книги се вбројуваат: „Шахиншах“ (1982), за последните денови на шахот во Персија, „Фудбалската војна“ (1978), „Сенката на Сонцето“ (1998) и, поблиску до дома, „Империјата“ (1993), есеи и репортажи од Советскиот Сојуз, како и пет тома есеи и песни, „Лапидариум“.

Целото негово писмо за земјите во развој произлегува од неговото преживеано искуство таму. Токму ореолот на автентичност ќе го направи популарен меѓу афричките и јужноамериканските интелектуалци, како и дома, во Полска. Сите тие ги препознаваат неговите портрети на механизмите на диктаторското владеење, како и ја уважуваат неговата леснотија и емпатијата кон животите на обичните луѓе. Полскот режисер Анджеј Вајда ќе направи од него новинарски модел во неговиот филм „Без анестезија“ (1978).

Капушќински го опишува својот опус како „литературна репортажа“. И, иако скромен како личност, тој верува во нејзината важност за разбирањето на светот. „Без обид да навлеземе во други начини на гледање, перципирање, опишување, нема да разбереме ништо од светот.“ Верува дека европскиот ум е често мрзлив во правењето интелектуален напор за да го види и разбере стварниот свет запоседнат од комплексните проблеми на сиромаштијата и далеку од манипулираниот свет на телевизијата.

Мирот и стабилноста на Европа го досадуваат, па значителен дел од последните години од животот поминува предавајќи во Мексико, неретко заедно со неговиот пријател Габриел Гарсија Маркес. Секогаш ќе зборува за значајноста на репортажата и ќе упатува остри напади кон вестите како стока, како и на брзите „специјални дописници“ кои известуваат за драматични настани без контекст или последователна информација. Тој особено ја мрази, како што и самиот ќе ја нарече, „метаморфозата на медиумите“. Вредноста на вестите во неговото време, ќе рече, нема никаква поврзаност со профит, туку е резултат на политичката борба и потрагата по вистината.

Ќе го надживеат неговата сопруга Алиција и нивната ќерка.
Џонатан Милер пишува: „Беше голема привилегија и многу возбудливо да се работи со Ришард Капушќињски на неговата восхитувачка репортажа за последните години на Хејле Селасие во Кралскиот суд. Ни кажа дека имал неколку претходни понуди да направи филм во Етиопија, но сосема јасно им дал до знаење дека не бил баш за Етиопија, туку за Полска и за јазикот. Како што пробувавме, веднаш стана јасно од текстот кој им го имаше зададено на различните сведоци кои учествуваа во она што го претворивме во театарска претстава дека стануваше збор за извонредно претставување на орнаментална тиранија. Ми беше мило да разберам дека тој го одобруваше ваквиот, речиси апстрактен, начин на претставување на нешто за кое отпрвин се плашеше дека инаку ќе биде само егзотичен туризам. Беше лесно да се работи со него, беше пријателски услужлив и, ми се чини, целиот тим уживаше во неговото охрабрувачко присуство. Но, на крајот на краиштата, тој беше необичен гениј без модерен соодветник, освен, можеби, Кафка.“

Адам Лоу пишува: „Ришард Капушќињски и јас заедно направивме филм за Би-би-си Арена во 1987. Во овој период, тој пишуваше за Иди Амин и имаше дури и нацртано дијаграм на мозокот на Амин, закачен на ѕидот во неговиот мал стан во Вола, работничка област во Варшава. Имаше речиси стекнато статус на ѕвезда во Полска, каде што неговите книги се читаа како благо прикриен коментар на комунистичка Полска. Како личност, Ришард беше неверојатно скромен и непретенциозен. За него бизнисот на снимање беше ужасно фрустрирачки („Јас не сум актер!“) и беше толку срамежлив во јавноста, што бев среќен ако успеев да фатам еден кадар пред да исчезне. Имаше неисцрпно многу приказни за неговите искуства во Африка и Јужна Америка и единствена способност да се сосредоточи на значајниот предмет – клучот кој му бил даден во Москва од стан во Азербејџан, јајцето кое секојдневно го варел во клиниката за маларија во Танзанија. Знаеше да биде многу смешен, за помпезноста на британските колонијални чиновници во Западна Африка или за грандиозноста на шахот во Иран, но и подеднакво студен за телата заплиснати во езерото Викторија за време на последните денови на Амин.

Како дете ќе види како полските партизани се измачувани и егзекутирани од Германците во шумите надвор од Варшава, но неговиот однос кон човештвото ќе остане секогаш позитивен и оптимистичен. Од личното искуство ќе знае дека дури и навидум најнепробојната диктатура најпосле ќе се сруши.

Ришард Капушќински, новинар, роден: 4 март 1932; починат: 23 јануари 2007.


Текстот е превод на статија од Victoria Brittain објавена во The Guardian.