Последното интервју со Витолд Гомбрович

Во првите денови од јули 1969 година, професор на еден од американските универзитети му испратил на Гомбрович писмо со низа прашања, главно поврзани со неговите драми, за да објави интервју со него во списание посветено на драмската уметност. Како вообичаено во последните месеци, Витолд Гомбрович ѝ ги издиктирал оговорите на својата жена, Рита.


Гомбрович: За жал, тешко ќе ми биде да одговорам на сите овие прашања со оглед на астмата. Затоа, ќе бидам краток.

1.

Како се изградивте како автор?

– Тешко ми е да зборувам за тоа. Си дојде некако само од себе. Прочитајте ги моите разговори со Доминик де Ру.

2.

Што Ви има извршено најголемо влијание во областа на книжевноста?

– Полски писатели: Мицкевич, Пасек. Француски писатели: Монтењ, Рабле, А. Жари и надреалистите (не директно, туку како атмосфера). Англиски писатели: Шекспир, „Пиквичкиот клуб“ на Дикенс, Честертон. Руски писател: Достоевски. Германски писатели: Гете и Томас Ман. Уште неколкумина класични писатели, како Сервантес, и неколкумина филозофи (во уметничка смисла) ми имаат повлијаено повеќе во поглед на стилот – Шопенхауер, Ниче. Но, се оформував независно од стиловите на моите омилени писатели.

3.

Играше ли сликарството голема улога во Вашето творештво?

– Сликарството? Сликарството има непријател во мене и го победувам со цигари. Постојат вредности кои се оправдани и порочни вредности. Потребата за леб е оправдана, а потребата за цигара, за сликарство е порок. Како се стекнува? Преку огромниот пазар, преку вештачката култура, преку чувствителноста изопачена со натпреварување, преку наметнатата хиерархија на вредности. Мојата полемика со Жан Дибифе на темава ќе биде објавена во бројот на Cahiers de L’Herne што ми е посветен мене.

4.

Можете ли да ни кажете нешто за потеклото на Вашата прва драма?

– За „Ивона, принцезата на Бургундија“? Сè што пишувам настанува некако самостојно, вон мене.

5.

Како работите на Вашите драми?

– Ве молам прочитајте го мојот дневник.

6.

Асистирате ли на театарските проби?

– Никогаш.

7.

Вие ли го избирате режисерот? Соработувате ли со него? А со актерите?

– Никогаш.

8.

Можете ли да ни кажете нешто во врска со еволуцијата на вашето творештво? Кон што се стреми вашиот театар? Од каде извира?

– Мојот театар сам си го наоѓа патот, исто како и другите мои дела. Кога започнувам нова драма, немам поим каде ќе ме одведе. Тоа важи за целото мое драмско творештво. Циничен сум, секако дека го имам предвид ефектот, поетичноста, а особено сценската вредност. Трите драми што ги имам напишано беа замислени и завршени без какво било влијание, затоа што никогаш не одам во театар и, особено, затоа што живеев во Аргентина, далеку од театарските и книжевните кругови. Во такви услови, морав да се потпрам единствено сам на себе. Кога во 1964 година поставија две мои драми на сцена, критиката ме подведе под театарот на апсурдот на Јонеско и Бекет. Притоа, едната драма беше напишана во 1935, а другата во 1946 година, значи, долго пред театарот на Бекет и на Јонеско. Нејсе, мојот театар не е театар на апсурдот, и јас сум принципиелно против опсесијата со апсурдот и воопшто против тонот на модерната книжевност. Станува досадно.

9.

Има ли ликови во Вашите драми? Симболизираат ли нешто?

– Ништо не симболизираат. Не сум писател од XIX век.

10.

Дали тоа што го пишувате може да се нарече „нов театар“?

– Не знам што е тоа.

11.

Женет, Бекет, Јонеско, Арабал, Арто?

– Тешко ми е да се искажам за нив во неколку збора. Во основа, ги почитувам, но од дистанца, не сум бил во театар триесет години.

12.

Што е за вас идеален театарски простор?

– Обичен голем театар со добра акустика.

13.

Сценографијата, светлото, звуците – играат ли улога во вашите драми?

– Да, и тоа голема. Но, не го поднесувам „модерниот“ стил, цело време истото. Впрочем, не се мешам во тие работи, му оставам слобода на режисерот. Во тој поглед, станувам верник од мрзеливост, ѝ се препуштам божјата милост.

14.

„Оперета, божествен идиотизам, совршен театар.“ Напишавте оперета?

– Не. Напишав трагикомедија во форма на оперета.

15.

Какви планови имате за иднината?

– Да умрам.


Превод од полски јазик: А. Јованчевски, Т. Кариќ, Т. Богданоски

Gombrowicz 2